10 Април е датумот кога го славиме Денот на општината. Општина Босилово, за прв пат, институционално се формира во далечната 1952 година и денес одбележуваме еден мал, но за нас голем и важен јубилеј, а тоа е 70 години од формирањето на општина Босилово
Наша заедничка обврска, на градоначалникот, на општинската администрација но и на секој граѓанин поединечно, е да влијаеме, работиме и создаваме со сите сили и можности, со целиот свој капацитет, за да ја направиме општина Босилово што подобро место за живеење за сите граѓани.
Секојдневно е потребно секој од нас да го дава својот придонес за развој на културата, спортот, образованието, социјалениот и еколошкиот амбиент. Да ги нагласуваме и развиваме позитивните аспекти за развој на општината, да ја чуваме животната околина, да го чуваме онаа што е направено од генерациите пред нас, за добро на сите нас и со самото тоа ќе помогнеме кон севкупен развој на општина Босилово.
Целта на секоја локална самоуправа е подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во сите населени места. Општина Босилово преку реализација на бројните проекти од сите сфери на својата надлежност, таа цел постојано ја остварува. Но, и денес можеме да кажеме дека пред нас се исправени сериозни предизвици- подобрување на патната инфраструктура, обезбедување на доволни количини на чиста вода за пиење, решавање на проблемите со отпадните води, дивите депонии, и многу други.
Денес беа доделени и благодарници односно плакети на личности кои потекнуваат од општина Босилово а придонеле за развој, афирмација и промоција на нашата општина во повеќе области.