„Секој ден можеби не е добар, но има по нешто добро во секој ден“

Согласно Годишната програма за работа на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Иловица и планираните активности во подрачјето Општествено – хуманитарна работа, во Петокот, во холот на ООУ Иловица и ПОУ Турново, Клубот на млади при Црвен крст – Струмица, истовремено спроведе хуманитарна акција во двете училишта. Хуманитарната акција се спроведе на начин, така што, беше поставен штанд, на кој беа изложени чоколатца со симболични пораки. Учениците можеа да купат од чоколатцата и на тој начин донираа парични средства според сопствените можности и желба.
Собраните средства ќе бидат наменети за семејство од социјален карактер на кое му се потребни подобри услови за живот. Активноста се спроведува во соработка со општина Босилово.
Хуманитарните акции се традиција која долги години се негува во нашето училиште, а нашите ученици, нивните наставници, и вработени, повеќе пати ја покажале својата хуманост на дело, несебично давајќи помош на оние на кои им била потребна. Овие активности во нашето училиште се одвиваат континуирано во текот на целата година. Досега се реализирани повеќе доброволни акции од различен тип.

„Бенли Таш“ – Камен на плодноста 2017

Река од трактори полни луѓе денеска се движеа меѓу сртот на селата Дрвош и Иловица во општина Босилово. Тешкиот и непрооден пат не ги спречи да стигнат до нивната крајна дестинација Бенли Таш – каменот на плодноста. Четврта година по ред, се возобновени обичаите и верувањата поврзани со ова место со цел популаризација на богатата традиција во погражденскиот регион. Во колективната меморија на жителите Бенли Таш е камен кој дава плодност на оние кои ќе минат низ неговиот отвор во форма на капија. Прославата на Бенли Таш има и културно- уметнички карактер. За промоција на етно кулинарството и на музичкиот фолклор организаторите обезбедуваат посебна трпеза со стари специјалитети, а културно-уметничките друштва го оживеаја мелосот. Качамакот е посебна одлика на нашиот крај.

Крводарителска акција

Денес во просториите на Младинскиот едукативен центар во с.Босилово во организација на Црвен Крст – Струмица и Заводот за трансфузиологија се одржа редовна крводарителска акција за граѓаните од општина Босилово. Хуманоста овојпат ја покажаа 36 крводарители. Општина Босилово ќе продолжи со организацијата на вакви хуманитарни акции и во наредниот период.

Одржан училишен натпревар по Англиски јазик во ООУ,,Св.Кирил и Методиј”-Иловица

На ден 17.03.2017 година, Петок, по втор пат во просториите на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Иловица, се одржа училишен натпревар по англиски јазик за учениците од V и IX одделение. Натпреварот го организираше и го спроведе Стручниот Актив по англиски јазик, со помош на директорот и стручната служба при училиштето. На натпреварот земаа учество вкупно 24 ученика од кои: 11 ученика од V одделение и 13 ученика од IX одделение. Од V одделение, најуспешни беа следните ученици:

ученичката Симона Николова од ООУ Иловица освои прво место,

ученичката Кристина Панова од ПОУ Секирник го освои второто и

третото место му припадна на ученикот Костадин Зафиров од ООУ Иловица .

Од IX одделение најуспешни беа:

ученичката Трајанка Стоева од ООУ Иловица со освоено прво место,

второ место Милена Ковачева од ПОУ Секирник со освоено второ место и

третото место го освои Ружица Минова од ООУ Иловица.

Натпреварот го подржаа: , JumpingClay Македонија, аптека Фармака-Струмица, ЕКТА-Т, Струмица и наставниците од англиски јазик.

Потпишан договор за реконструкција на културен дом во населено место Секирник

Градоначалникот на о.Босилово Г-дин Љупчо Колев денес потпиша договор за реконструкција, доградба и адаптација на Домот на културата во населено место Секирник.

Како изведувач се јавува фирмата ДГТУП Џови Компани ДООЕЛ.

Овој проект е кофинансиран од Европската унија преку interreg-IPA програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија и ќе се спроведува во општина Босилово и општина Грмен.

Вкупниот буџет на двете општини е 412.111 евра од кои 229,676 евра се за општина Босилово.

Проектот , Развој на туризмот во прекуграничниот регион Босилово – Грмен преку зачувување на локалните културни традиции,, е петти заеднички проект што го реализираат двете општини.