Општина Босилово се простира на површина од 161,99 км. Сместена во југоисточниот дел на Република Македонија, со правец на протегање североисток – југозапад, распространета во средишниот дел во Струмичкото Поле, завзема значајно место во Струмичкиот регион. Низ нејзиниот средишен дел поминува реката Струмица и реката Турија кои подоцна се влеваат во реката Струма во Република Бугарија.
Општина Босилово се наоѓа на надморска височина од 250 метри, опфаќајки ги јужните падини на планината Огражден. Од север се граничи со Општина Берово, од исток со Општина Ново Село, југоисточно граничи со Општина Струмица, а западно со Општина Валандово.
Општина Босилово има вкупно 14.260 жители со 16 населени места или вкупно 3744 домаќинства.
Сите села кои егзистираат на територија на оваа општина се низински, со просечна густина од 95,4 жители на 1км. Централна населба на општината е Босилово, во кое живеат вкупно 1698 жители, или 11,9% од вкупниот број на жители во општината. Општина Босилово има прилично добра географска положба и сообраќајна поврзаност. Се наога на само 7 км од најголемиот урбан центар во Регионот, Градот Струмица со кој е поврзан со магистралниот пат М6, кој воедно ја поврзува општината граничниот премин со Република Бугарија. Со повеќето локални патишта таа е поврзана и со останатите населени места во регионот.
Општина Босилово како локална самоуправа била формирана во 1996 година а инаку како стара општина функционира од 1963 година.
Во селото Босилово се наоѓа општинската администрација на Општина Босилово. Градоначалник на општината е Ристо Манчев. Советот на општината го сочинуваат 15 членови.
Во склоп на општината работат следните одделенија:
- Оделение за правни работи, општи работи и јавни дејности
- Оделение за финансиски прашања
- Оделение за комунални работи, заштита на животната средина и локален економски развој
- Оделение за внатрешна ревизија
- Оделение за инспекциски работи (Инспекторат)
- Оделение за јавни дејности и подршка на советот