Концесионерот на рудникот за бакар и злато Иловица, компанијата Еуромакс ресурси, ќе ја финансира изградбата на новиот водовод во селата Иловица и Штука.

Со реализација на овој проект старата водоводна мрежа во населените места ќе биде комплетно обновена со што околу 700 домаќинства ќе добијат можност за многу поквалитетно водоснабдување.Проектот се реализира во соработка со Општина Босилово која веќе започна со обновата на еден дел од мрежата во Иловица или околу 4.600 метри за кои средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. По завршувањето на оваа траса предвидено е да продолжи целосна обнова за која компанијата Еуромакс ресурси ќе финансира близу 800.000 евра.

„Во рамки на соработката на Еуромакс со локалната самоуправа и како цел на компанијата да го унапредува животот и условите за живеење на локалното население дојдовме до заклучок дека мрежата за водоснабдување во Иловица и во Штука е многу застарена и затоа Еуромакс во соработка со општина Босилово решија најпрво да финансираме изработка на детален проект за замена на целокупната водоводна мрежа во Иловица и Штука, а веќе следниот чекор после изработката на тој проект е да започнат теренските активности, односно градежните активности за комплетна замена на таа водоводна мрежа“, вели Драги Пелтечки – Еуромакс ресурси. Од Општина Босилово велат дека реализацијата на овој проект исто како и изградбата на рудникот е многу значаен и за нив како локална самоуправа, но и за жителите од овој регион.
„Спрема она што разговаравме со Еуромакс ресурси тие секогаш ќе бидат подготвени да и излезат во пресрет на Општината, во пресрет на барањата на локалното население. Сметам дека тааа соработка во иднина ќе биде на едно високо ниво, така што бенефитите од оваа инвестиција бидат и за инвеститорот, а и за локалното население и за локалната заедница“, вели Љупчо Колев, градоначалникот на општина Босилово.
Паралелно со овој проект, Еуромакс, во соработка со водостопанството на Република Македонија, работи и на проект за изградба на цевководот кој ќе носи вода од акумулацијата Турија до пречистителната станица во Иловица, а потоа истата ќе се дистрибуира до сите домаќинства во двете населени места.

Коментари

коментари