Моноспитовско Блато – последното мочуриште во Македонија

   

Во плодната струмичка котлина под планината Беласица се наоѓа Моноспитовското блато. Последното мочуриште во Македонија некогаш се простирало на површина од пет илјади хектари и било дом на праисториски растенија и животни. Денес, овој уникатен природен музеј во атарот на селото Моноспитово е распространет на 400 хектари и претставува засолниште на ретки видови флора и фауна.

Неповторливо е чувството да се биде тука и да се почувствува мирисот на папратот и трската, да се ужива во различните водени цветови и да се слушне звукот на барските птици. Токму со така намена пред четири години беа изградени платформи, дрвени патеки и куќички за набљудување на птиците. За реализација на овој проект за ревитализација на блатото се потрошени 166.000 евра од европските фондови преку програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Со одлука на Владата од 2009 година, Моноспитовското блато е прогласено за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Но, освен заштитата со домашните закони, Блатото е заштитено и со меѓународни конвенции, кои се ратификувани од Македонија, како што се Рамсарската, Бернската и Бонската конвенција.

Во својата долга и богата историја Моноспитовското блато претрпело големи промени. До 1947 година било традиционално искористувано преку лов и риболов, напасување стока по ливадите, користење на рогозот и трската за покривање на куќите и плетење кошници. Според кажувањата на постарите жители, Блатото порано имало длабочина од околу 6 метри и со посебни чамци, наречени шајки, се патувало по него до селата Зубово, Банско и Муртино. Со мелиоративните зафати од 1947 до 1975 година биле спроведени интензивни мерки за негово исушување и добивање нови земјоделски површини, со што површината на блатото била намалена за повеќе од десет пати, така што денес таа изнесува вкупно 400 хектари, од кои 250 се под вода и трска.

Со векови „ѓолот“, како што го нарекуваат жителите на Моноспитово овој простор претставувал извор на егзистенција. Покрај рогозот и трската, кои се береле на есен и од нив се изработувале рогозини и леси кои се користеле во градежништвото, богатите води со риба, претежно штука и крап, овозможувале пристојна егзистенција.

Иако површините се драстично намалени, денес Моноспитовското блато е природен музеј на отворено и во него се’ уште егзистираат ретки видови растителен и животински свет. Најпознати се реликтните видови, како што е кралскиот папрат (осмунда регалис), кој со одлука на Општина Струмица од 1987 година е прогласен за заштитен вид, бидејќи го има само тука. Покрај него, Блатото изобилува со силикатни алги, ретки видови инсекти, барски птици и цицачи. Во Моноспитовското блато се регистрирани вкупно 112 видови птици, меѓу кои најзначајни се црниот штрк и малиот орел кликач. Шумските заедници кои се среќаваат во и околу Блатото се одлично засилниште за голем дел од цицачите, па тука може да се најдат видри и лисици. Има 11 видови водоземци и 16 влекачи.

Моноспитовско Блато во серијалот Чудесна Земја